Овој мој подвиг им го посветив на големите пријатели од планината кои минатата зима прерано не напуштија, Калина и Александар - раскажува Александар Кирковски кој неодамна го искачи врвот Аконкагва во Јужна Америка, највисок на континентот, за 12 часа до врвот и назад.
Има најдобри македонски времиња на Елбрус, Мон Блан, Матерхорн, Гран Парадизо, Ортлер. Искачени многу други врвови над 4000 метри.
- Врвот Аконкагва се наоѓа на Андите, во Јужна Америка или поточно во Аргентина. Со своите 6962 мнв е највисок на континентот, но и воопшто на јужната земјина хемисфера.
- Изборот на Аконкагва дојде природно, после голем број искачувања на врвови до 6000 метри. Воедно мојот предизвик беше малку поразличен, па освен класично искачување имав зацртано и таканаречено брзинско во кое целта ми беше под 12 часа до врвот и назад. Значи во една експедиција требаше два пати да ја искачам Аконкагва.
- Подготовките се процес што кај мене трае со години. Значи конкретно за Аконкагва не се подготвував кампањски, туку се држев до секојдневните тренинзи. Тренирам шест дена во неделата, се трудам да искачувам што повеќе висински метри. Еден од поинтересните потфати непосредно пред експедицијата ми беше брзинско искачување на Олимп (Грција) во зима за што ми беа потребни 7 часа до врвот и назад. Тоа е можеби воопшто најбрзото зимско искачување на оваа митска и од планинарски аспект сериозна планина.
- На врв од речиси 7000 метри студот е сериозен предизвик, па најважен дел од опремата се чевлите и ракавиците со цел да не се здобиеме со смрзнатини. Понатаму следат соодветни очила за сонце, опрема за логорување на височина итн. За разлика од класичните искачувања, ако човек планира брзинско искачување треба да направи добра калкулација со опремата. Тогаш се оди буквално со потребниот минимум, без право на грешка.
- Бевме тим составен од двајца. Друштво ми правеше Димитар Тодоровски, 23 годишен млад и перспективен планинар од Скопје. Освен што заедно успешно го искачивме врвот на 09.02.2019, негова задача беше да биде моја логистика при брзинското искачување неколку дена подоцна.
- Во националниот парк “Аконкагва“ влеговме на 01.02.2019, по што следи процес на таканаречена аклиматизација на условите и височините. Врвот го искачивме на деветтиот ден од престојот на планината. За класичното искачување од базниот камп (Плаза де Мулас, 4300 мнв) до врвот и назад ни беа потребни само два дена, вообичаено планинарите тоа го прават за четири дена. За време на брзинското искачување на 14.02.2019 успеав тоа да го направам за точно 9 часа и 52 минути, до врвот и назад. Тоа е пионерско постигнување во балкански рамки, навистина се ретки овие брзински искачувања на високите планини. Но, таков е спортот, постојано се цели на подобро.
- Да, временските услови беа одлични. За целиот престој на планината имаше едвај два-три неповолни денови. Сепак и при одлично време на Аконкагва температурите одат под минус 20 степени целзиусови, важно е да нема силен ветар за тоа да биде подносливо.
- Немаше нешто целосно непредвидливо. Ни беше тешко што е нормално кога човек треба да вложува напор на таква надморска височина. Концентрацијата на кислород на 7000 метри е 40% во однос на морското ниво. Тоа особено го осетив за време на брзинското искачување, кога бев во трка со времето во такви услови.
- Ситни смрзнатини на рацете, нозете. Ништо сериозно што би оставило трага за понатаму.
- Одлично искуство да се биде две недели комплетно надвор од било каква цивилизација, со доста ограничени ресурси. Воедно се враќам презадоволен од тоа што не само што ја постинав целта да се искачам до врвот и назад за под 12 часа, туку и значајно ја надминав. Овој мој подвиг им го посветив на големите пријатели од планината кои минатата зима прерано не напуштија, Калина и Александар.
За крај би сакал искрено да им се заблагодарам на сите кои на било каков начин го поддржаа мојот проект, а ги имаше многу. Сите се дел од оваа испишана балканска планинарска историја.
(А.В)