Книгата „Endgame“ на авторот Омид Скоби ја здогледа светлината на денот. Многумина ја опишуваат како „отровна книга“ која е објавена по контроверзните тврдења на Меган Маркл и принцот Хари за британското кралско семејство кои светот ги слуша со години наназад.
Четивото е достапно во Велика Британија од полноќ. Со оглед на тоа дека овој новинар подробно се занимавал со дворецот, како ќе реагира Бакингемската палата на новиот скандал?
Омид Скоби пишува дека кралицата Елизабета Втора, која почина на 8-ми септември минатата година, прифатила дека нејзиното здравје нагло се влошило на крајот на пандемијата на коронавирус.
Овој автор тврди дека кралицата имала некои сомнежи за способноста на нејзиниот син Чарлс Трети да ја наследи на местото на монарх. Затоа ангажирала експерт да биде нејзините „очи и уши“.
Скоби вели дека Елизабета Втора го ангажирала Ендру Паркер во 2021 година за да без проблем се одвива бавното преминување на нејзиното владеење на владеењето на Чарлс. Овој автор се повикува на извори од дворецот и истакнува дека Паркер, кој е поранешен шеф на британската тајна служба MI5, работел како извршен директор на кралицата.
Токму ова е доказ за нејзината недоверба во способноста на нејзиниот син, се вели во контроверзната книга.
Во книгата се наведува и дека кралицата не сакала Чарлс да ја пречека поранешната премиерка Лиз Траст, која го наследи Борис Џонсон на важната функција, иако нејзините соработници ѝ рекле дека сегашниот крал е способен за тоа.
„Тоа е моја работа“, им рекла покојната кралица. Во книгата „Endgame“ Скоби пишува и за последните денови односно моменти на кралицата. Тој порачува дека секој член на семејството имал шанса насамо да се збогува со Елизабета Втора (освен Хари, кому не му било кажано дека здравјето на баба му нагло се влошило и дека семејството се подготвува да се збогува со неа).
Скоби пишува дека Чарлс и Ана биле со нивната мајка во текот на ноќта, додека принцовите Ендру и Едвард, војвотката Софи и принцот Вилијам пристигнале во Шкотска во текот на денот, нешто пред 16 часот.
Во книгата може да се прочита и дека последното лето на кралицата во Балморал било мирно и дека се обидела да ги изврши своите обврски и покрај нарушеното здравје.
Извор од палатата рекол дека книгата на Омид Скоби за дворецот е „само уште една книга во низата која не е вредна за официјален коментар“.
„Постојат стотици книги напишани за кралското семејство“, велат од дворецот. Меѓутоа, пред неколку дена пријателите на принцот Вилијам реагираа многу бурно на тврдењата на Скоби дека постариот син на Чарлс и Дајана е гладен за власт и сака да ги уништи Хари и Меган Маркл.
Омид Скоби вели дека најголемиот дел од критиките се чиста глупост. Тој истакнал дека Меган и Хари не му помогнале во пишувањето на книгата, но дека „луѓето околу нив“ со задоволство раскажале сè за „ситниците“ од нивните кавги со кралското семејство.
Скоби, кој се сметаше за неофицијален ПР на Меган и Хари бидејќи безброј пати ги бранеше за време на семејните скандали, изјави за „London Evening Standard“ дека неколку пати се сретнал со војвотката. Во бројни текстови за неговата книга се нагласува дека некогаш бил близок со познатиот пар.