Дејан Митров и Коста Тахов: Велес-Истанбул авантура на велосипед

Точка

28/11/2018

01:37

8.936

Големина на фонт

а а а

Дејан Митров и Коста Тахов од Велес повеќе од 10 години возат активно велосипеди. Биле на повеќе далечни дестинации надвор од границите на нашата земја. Но, овојпат се охрабрија да патуваат со велосипед од Велес (од дома) до Истанбул со нивното омилено превозно средство.

А како би ги почувствувале убавините на патувањето ако не се соочат со сите предизвици што само по себе ги носи ваквата авантура. 

Колку време се подготвувавте и како? 

- Подготовките траеја околу една година. Најчесто во зимскиот период. Правевме состаноци и разговараме во врска со патувањето. Со помош на некои интернет алатки мериме километри, elevation profile и слично. Правевме план од каде да возиме. 

Ја проверуваме опремата, алатите и деловите, дали е се во ред со нив и дали имаме се што е потребно. Мораме да носиме алати, резервни делови и гуми. Многу километри требаше да поминеме. Се можеше да се случи.


Ви се погоди ли времето? 

- Временските услови не беа идеални. Жешко сонце, малку дожд, жешко сонце, многу дожд, жешко сонце, силен ветар од спротивен правец и обратно. 


Имаше ли непријатности по пат? 

- Освен три дупнати гуми, по пат ја видовме куќата на вештерката од приказната за Ивица и Марица и тоа по полноќ. Еден километар после неа влеговме во една мрачна клисура поради тоа што мостот беше срушен, па миневме преку некој стар мост, а покрај него имаше друг од римско време. Морбидни места. 

Низ кои места поминувавте додека да стигнете до Истанбул? 

- Стартот беше од Велес. Од дома пред врата. Наточивме гориво во Паб и продолживме кон Дојран каде ни беше првиот одмор. Следниот ден излеговме преку граница и се упативме кон Кавала преку некои села и градчиња. Од Ливадиа возевме покрај езерото Керкини каде што врнеше дожд па го искористивме да уживаме во природа под еден летниковец. Потоа покрај реката Струма возевме покрај многу села и градчиња. Влеговме во Нигрита, се спуштивме до Неа Амфиполи од каде продолживме да возиме по жешко сонце, покрај море до Кавала. Во Кавала престојувавме во камп со шатори кои ги возиме со нас. Следната дестинација за одмор е Александрополис. 


Па така после Кавала, преку Ксанти од каде што почна да дува силен ветар од спротивна насока и Комотини стигнавме во Александрополис кој е на околу 40km пред турска граница. Овде одморивме добро бидејќи следното возење е долго. Влеговме во Турција. Во близина на Ипсала возевме по широк пат без никаква дупка покрај Кешан, Малкара, Текирдаг каде што одморивме малку, Силиври и Истанбул. Силен ветар не дуваше се до Истанбул. Се враќавме по обратен редослед, а направивме некои мали измени и го избегнавме Комотини, а влеговме во Драма и Серес, па се до Дојран и Велес. 

Правевте ли паузи за спиење, јадење и на колку време? 


- Поради тоа што бевме ограничени со време, моравме да возиме секој ден и ноќ. Најчесто возевме навечер поради жешкото сонце. Време за одмор немавме многу. Во Истанбул останавме два дена кои ги искористивме за да разгледаме барем еден мал дел од него.

Кратки паузи правевме често поради секакви потреби. Храна, вода… Големи паузи правевме на околу 200 километри за спиење, полнење батерии.


Што посетивте прво таму? 

- MADO (слаткарница) :D


Колку време ви беше потребно да стигнете на посакуваната цел? 


- Имавме само две недели за да го реализираме целото патување. Се обидовме некако да распоредиме за да не се вратиме рано, ниту пак доцна.


Каде сè сте биле на подалечни патувања со велосипед? 


- Возиме веќе неколку години по ред на такви далечни патувања со кампување. 

Минатата година бевме преку Богомила, Прилеп, Битола, Кожани, Каламбака (Метеора), Лариса, Неи Пори, Солун, Дојран, Велес и поминавме точно 888km.

Пред таа година го возевме првиот крак, а во 2014 неуспешен обид за до Истанбул поради страшни невремиња. Стигнавме само до Александрополис, а останатите денови одлучивме да ги трошиме на плажа. Од таму ни дојде идејата. Овој пат (не)времето не успеа да не спречи.


Која дестинација е ваш следен предизвик? 

- Исланд.




Спонзорирани линкови

Маркетинг