Употребата на отпадот како интегрален дел од циркуларната економија може да ја намали неодржливата експлоатација на природните ресурси - Интервју со Бојана Станојевска Пецуровска од Центар за климатски промени

Точка

15/12/2022

14:29

110.351

Големина на фонт

а а а

Добро познат факт за сите нас е дека дел од отпадот кој го произведуваат домаќинствата и индустријата може да се рециклира. Меѓутоа, рециклирањето претставува само една од можностите за справување со отпадот.

Помалку познат начин на искористување на отпадот е како гориво при принципот „Енергија од отпад“ кој иако е присутен во развиените земји повеќе од 60 години, во последниот период добива особена популарност. Најновите научни и технолошки откритија овозможуваат отпадот ефикасно да се употреби како суровина или извор на енергија, без притоа да предизвика дополнително загадување на животната средина. За придобивките од употребата на отпадот како интегрален дел од т.н. циркуларна економија, разговаравме со Бојана Станојевска Пецуровска – претседател на Центарот за климатски промени.

Која е разликата помеѓу линеарна и циркуларна економија? Која е предноста на циркуларната економија во поглед на социо-економски и придобивки за животна средина?

Линеарната економија ја следи традиционалната логика „од ресурс до отпад“, или таканаречената шема „земи - направи - фрли“. Она што ја карактеризира линеарната економија е неефикасната употреба на ресурсите, значајната количина на отпад но и негативните влијанија врз животната средина. Во циркуларната економија производните системи се дизајнирани на начин кој овозможува производите и отпадните материјали да бидат реупотребени или рециклирани. Моделот на циркуларна економија го зема предвид целосниот животен циклус на производот. Овој модел ја раздвојува корелацијата помеѓу економскиот раст, користењето на ресурсите и негативните ефекти врз животната средина. Социо-економските и еколошките придобивки од циркуларната економија ги вклучуваат меѓу другото и придобивките од вработување на неквалификуваните работници за собирање отпад, но и во однос на усвојување и користење на новите технологии. Од друга страна, во макроекономски контекст, инвестирањето во циркуларна економија го намалува увозот на суровини и горива, што резултира со избегнување на ценовни шокови и заштеда на значителни финансиски ресурси.

Дали за одредени текови на отпад може да кажеме дека се значаен економски ресурс? Дали и во колкава мера се запазува принципот за хиерархија при нивното искористување како секундарна суровина и/или алтернативно гориво?

Економската вредност на отпадот може да се процени не само преку зачувување на природниот капитал (зачувување на природните ресурси), туку таа се изразува и преку промоција на повторна употреба, продолжување на работниот век преку поправка, повторно производство, надградба и доградба; или претворање на старите добра во нови ресурси со рециклирање на материјали. Оттука, најголемиот дел од создадениот отпад, особено комуналниот (со исклучок на опасниот отпад кој бара одреден третман и трошоци) создава додадена вредност во целиот синџир на вредност на производство и потрошувачка.

Хиерархијата на отпадот е едноставен систем за рангирање што се користи за различни опции за управување со отпад со цел да се процени што е најдобро за животната средина. Најпосакувана опција е да се спречи отпадот, а најмалку претпочитан избор е депонирањето на депониите. Помеѓу овие крајности се лоцирани повторната употреба, рециклирањето и обновувањето.

Колкави се економските и социјалните трошоци за сметка на депонирањето на отпад со потенцијал на суровина?

Не би можела да кажам сигурна бројка, но со сигурност можам да речам дека циркуларната економија може да ја намали неодржливата експлоатација на природните ресурси, истовремено зголемувајќи ја човечката благосостојба и економското богатство. Само за споредба, некои податоци од Европа проценуваат дека само во производниот сектор на ЕУ, нето материјални трошоци од 630 милијарди УСД годишно може да се заштедат во циркуларна економија. Освен значајните придобивки за животната средина, значителни се и социјалните придобивки од зголеменото вработување. Тоа е исклучително важно за неформалните собирачи на отпад, особено во земјите со низок и среден приход. Може да се заклучи дека од економски и социјален аспект повеќе ќе не чини да депонираме отпад со потенцијал на суровина отколку да создадеме систем за негово искористување.

Кои се придобивките на отпадот како суровина за преработка?

Ги зачувува ресурсите (природен капитал), го намалува протокот на отпад и предизвикува помало загадување од рециклирањето или правењето нови производи од нови суровини. Дополнително, ги поддржува малите бизниси и помага во креирањето на нови работилници, со што се овозможува отворање на нови работни места. Директните трошоци за отстранување на отпадот, како и имплицитните трошоци (надворешни работи) кои произлегуваат од производствениот процес се минимизирани или елиминирани. Покрај тоа, иновациите и истражувањата се поттикнуваат да се развиваат, паралелно со одржливиот дизајн на производите.


Зошто развиените западноевропски земји со забрзано темпо го користат отпадот како енергенс? Кои се нивните сознанија, заради коишто се интензивира оваа појава?

Производството и искористувањето на енергија од согорување на цврст отпад е концепт кој се практикува во Европа од почетокот на минатиот век. Поттикнати од грижата за квалитетот на подземните води, како и од недостигот на земјиште за депонирање, многу европски земји, заедно со Јапонија, започнаа градење на програми за воспоставување на системот „од Отпад до енергија“(WtE) во 1960-тите. Европа е најголемиот и најзајакнат пазар за постројки за WtE, првенствено поради Пакетот за кружна економија на ЕУ, усвоен во јануари 2018 година, кој бара 65% намалување на депонирањето на биоразградливиот цврст комунален отпад до 2030 година, со обврзувачка цел за депониите да се намали депонирање на комунален отпад до максимум од 10%.

За жал, кај нас, ставот на општата јавност „Не во мојот двор“ (NIMBY) од страна на некои граѓанските иницијативи, ја зголеми тешкотијата на многу општини за давање дозвола за овие објекти и отпочнување со работа на вакви системи и постројки.

Дали може да направите споредба на економските, во однос на социјалните трошоци при воспоставување на WtE систем? Дали може да зборуваме за одржлив систем во којшто пазарната цена на суровините, работната сила и опрема е во корелација со придобивките за здравјето, животната средина и одржливиот систем за управување со отпад?

Производството на електрична енергија во инсинераторите е по јаглерод поинтензивно од добивање електричната енергија од природен гас, и е на второ место по јагленот. Севкупно, европските инсинератори придонесоа за околу 95 милиони тони јаглерод диоксид во 2018 година, што е околу 2% од вкупните емисии. Овој податок сметам дека ги поттикна официјалните лица на ЕУ да се откажат од согорувањето на отпадот.

Диоксинот е уште еден проблем, кој бара технолошки напредни филтри.

Друга загриженост е дека спроведувањето и стимулацијата на овој концепт согорување на отпад за енергија може да биде спротивно на шемите за рециклирање, поради потенцијалот за зголемена побарувачка за нерециклирана пластика како гориво. Од друга страна, ако се земе предвид целата слика, со оваа технологија се избегнуваат значителни количини на метан кои во спротивно ќе се испуштаат на депониите. Чистиот економски бенефит не е сомнителен бидејќи отпадот заменува значителни количини гориво, особено за централно греење. Сепак, сегашната енергетска криза и можните нарушувања во снабдувањето со фосилни горива, би можеле да бидат значаен менувач на играта и двигател за пошироко прифаќање на согорувањето. Исто така сметам дека постои значајна количина пластика која неможе да се рециклира и едноставно подобро е да се користи за добивање на енергија отколку да заврши на депонија. Секако дека нејзината употреба неопходно но и задолжително треба да се одвива во строго контролирани услови, односно во индустриски процеси кои користат согорување на големи темератури, но и нови технологии.


Кои типови индустрии и процеси може безбедно да користат отпад како извор на енергија?

Колку повисока температура во процесот на согорување толку поцелосно согорување на отпадот. Така, голем број студии укажуваат дека процесот со најповолна проценка на животниот циклус (најкорисна за здравјето во споредба со традиционалната употреба на фосилни горива) е користењето на отпадот во цементната индустрија. Металургијата е уште една индустрија каде се постигнуваат значително високи температури (над 1200°C), што овозможува поцелосно согорување на отпадот и пониско ниво на загадувачи. Сепак, потребна е сеопфатна и детална анализа на целокупниот контекст и специфичната примена.

Кои се познатите и признати начини за субвенционирање на индустриите и домаќинствата, со цел да се избегне депонирањето како најмалку посакувана постапка во хиерархијата на постапување со отпад?

Надоместоците за собирање отпад и еколошките даноци, на пример, за депонирање и согорување на депониите, можат да помогнат да се намали отпадот и во исто време да се обезбедат средства за подобри системи за рециклирање и третман. За пакување што може да се рециклира, системите за враќање на отпадната пластика може да се користат за да се подобрат стапките на наплата. Добар пример за наградна шема за собирање отпад неодамна беше воведен во Загреб. Имено, секое домаќинство има фиксен и варијабилен дел од сметката за собирање отпад, со што им овозможува на граѓаните што го селектираат отпадот да платат помалку. Воведувањето на зелени индустриски зони, каде што отпадот од една фабрика може да биде ресурс за друга, е солиден пристап за поттикнување на циркуларноста. Тоа би можело да се овозможи преку поттикнување на даночната политика и други поволности за инвеститорите. Од друга страна, промената на моделите на потрошувачка и однесувањето на потрошувачите е многу важна и треба да се справи со јавни кампањи и други форми на подигање на свеста.



Спонзорирани линкови

Маркетинг